English language
 
   Прва Страна
   За нас
   Новости
   Услуги
   Проекти
   Документи
   Галерија
   Линкови
   Контакт
  
  
 
Промовирана “Парламентарната зелена лоби група“

 

 
На 26 октомври 2007 година во Собранието на Република Македонија се одржа првиот иницијативен работен состанок за формирање и промовирање на “Парламентарната зелена лоби група“. На состанокот присуствуваа 13 Пратеници - членови на лоби групата, кои доаѓаат од различни политички партии во Парламентот, меѓу кои присутни беа: Томе Даневски, Катерина Димеска, Илија Димовски, Марјан Додовски, Зоран Витанов, Благој Зашов, Веле Митановски, Зоран Петрески, Лилјана Поповска, Азис Положани, Агим Рамадани, Влатко Серафимов, Сафет Незири и Роза Топузовска-Каровска.
 
Состанокот во името на Пратениците го отвори и водеше г-дин Марјан Додовски, кој ја потенцираше важноста од формирањето на една ваква лоби група и ја поздрави иницијативата на Македонскиот зелен центар и донаторот на проектот “Формирање на зелена лоби група во Македонскиот Парламент“ во чии рамки се основа лоби групата.
 
Со поздравен говор по повод основањето на “Парламентарната зелена лоби група“ на присутните им се обрати Амбасадорот на Велика Британија, г-дин Андру Ки, кој меѓудругото истакна дека очекува лоби групата да придонесе кон забрзување на процесот на ЕУ интеграцијата на Република Македонија, бидејќи заштитата на животната средина и одржливиот развој се едни од барањата кои Македонија треба да ги исполни на патот кон членството во Европската Унија.
 
На овој состанок присуствуваше и на присутните им се обрати и Министерот за животна средина и просторно планирање, г-дин Џелил Бајрами, кој истакна дека формирањето на една ваква лоби група ќе биде од корист и помош на Министерството за животна средина при изготвувањето и донесувањето на потребната законска регулатива од областа на животната средина и одржливиот развој и ја истакна поддршката и соработката понудена од самото Министерство.

 
Последно обраќање пред присутните имаше Претседателот на Македонскиот зелен центар, г-дин Методија Саздов, кој во кратки црти ја објасни идејата и потребата од формирањето на зелената лоби група и дека на ваквата иницијатива се работи уште со ратификацијата на Архуската Конвенција од страна на Република Македонија. Мотивите за формирање на лоби групата се пристапот до информации за прашања од областа на животната средина и одржливиот развој, поттикнување на соработката со државните институции и здруженија на граѓани, како и учеството на граѓанското општество во процесите на одлучување за прашања од областа на животната средина.
 
По поздравните обраќања воведничарот на состанок во улога на Претседавач, г-дин Додовски,  го продолжи состанокот по дневниот ред и беше отворена дискусија за избор на Претседавач и Заменик Претседавач. За збор се јавија повеќето од членовите на лоби групата при што се отвори доста корисна дискусија на која беа предложени четворица кандидати за предвидените координативни позиции на лоби групата. Притоа, се земаа во обзир половата и етничката застапеност, како и искуството на кандидатите во областа на животната средина и одржливиот развој. Оваа точка од дневниот ред беше одложена за наредниот состанок на лоби групата како би можеле членовите да се консултираат меѓусебно и врз база на конзензус да донесат мислење и избор на Претседавач и Земеник Претседавач на групата.
 
Следна точка од дневниот ред беше разгледување на Работната Програма на “Парламентарната зелена лоби група“. Членовите на лоби групата ја усвоија истата, со препорака дека таа треба да се дополни и во иднина да се изготви акционен план за нејзино реализирање со конкретни рокови и задолженија.
 
По усвојувањето на програмата на лоби групата воведничарот на состанокот во улога на Претседавач го затвори состанокот со заклучок дека лоби групата е основана, посака успешна работа и истакна дека истата е отворена за пристап на нови членови.
 
По завршувањето на состанок се одржа прес конференција за медиумите и јавноста. Прес конференцијата ја водеше г-ѓа Лилјана Поповска, член на лоби групата, а свое обраќање за медиумите во името на донаторот имаше Амбасадорот на Велика Британија, г-дин Андру Ки, во името на пратениците се обрати г-дин Благој Зашов, а во името на Македонскиот зелен центар се обрати г-дин Столе Георгиев, координатор на проектот во чии рамки е формирана лоби групата. Претставникот на Собранискиот Канал на МРТВ истактна дека во иднина тие ќе бидат медиумски покровител на состаноците на зелената лоби група и ќе вршат пренос на истите во целост.
 
 
 
Прва Страна   За нас   Новости   Услуги   Проекти  Документи  Галерија  Линкови   Контакт