Посета на британски експерт за климатски промени во Република Македонија
Во рамки на проектот “Формирање на зелена лоби група во Македонскиот Парламент“ и на покана од амбасадорот на Велика Британија, г-дин Андру Ки во Република Македонија на 27 и 28 март, 2008 година присуствуваше г-дин Елиот Морли, експерт за климатски промени кој е поранешен Министер за животна средина, храна и рурален развој на Велика Британија и член на комитет за мониторинг на животната средина.
Г-дин Елиот Морли имаше низа активнсти, оствари неколку посети и одржа предавање пред субјекти од различни профили за борбата против климатските промени.
На 27 март, 2008 година (четврток) г-дин Елиот Морли имаше средба со потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-дин Благој Зашов. На оваа средба беше дискутирано за законските обврски кои има Р. Македонија како потписник на Рамковната Конвенција на Обединетите нации за климатски промени и Протоколот од Кјото.
После тоа г-дин Елиот Морли пред околу 18 пратеници, членови на Парламентарната зелена лоби група во салата бр. 2 во Собранието на Република Македонија ги презентираше „Искуствата на Велика Британија во борба против климатските промени“. Во својата презентација тој ги потенцира распространетите знаци за промената на климата и ризиците кои ни се закануваат со порастот на температурата од 5,80С. Исто така нагласи дека Македонија, со приспособувањето на законите и меѓународните договори веќе презема многу активности во борбата со климатските промени. Ова предавање беше проследено со голем интерес од страна на парламентарците и притоа беа поставени многу прашања за нивната улога што може да направат како претставници на законодавниот дом и воопшто како граѓани на Р. Македонија.
По завршување на предавањето се одржа прес конференција за медиумите, каде што воедно се промовираше и резимето на Стерновиот извештај на македонски јазик, а на прес конференцијата беа присутни Амбасадорот на Велика Британија, г-дин Андру Ки; г-дин Елиот Морли, експерт за климатски промени од Велика Британија и г-дин Столе Георгиев, координатор на проекти во Македонски зелен центар.
Со почеток во 14:00 часот, на 27 март, во просториите на Британскиот Совет се одржа состанок со претставници на здруженија на граѓани, каде г-дин Елиот Морли имаше презентација на тема “Каква улога може да одигра Македонија во глобалната борба против климатските промени“. На оваа двочасовна средба беа присутни околу 18 претставници од здруженија на граѓани кои имаа можност да ја слушнат презентацијата на г-дин Елиот Морли, да ги презентираат нивните активности кои се директно поврзани со борбата против климатските промени, да дискутираат и да разменат искуства во оваа сфера.
По завршувањето на оваа средба г-дин Елиот Морли гостуваше во телевизија АЛСАТ и даде интервју за истата, во насока на она што Македонија треба да го превземе во борбата со климатските промени и даде примери од искуства од Велика Британија и какви активности прават тие на ова поле.
На 28 март, 2008 година, (петок) г-дин Морли се сретна со Министерот за животна средина и просторно планирање, г-дин Џелил Бајрами каде што беше дискутирано за напредокот на Р. Македонија кон исполнувањето на меѓународните обврски во борбата против климатските промени.
После тоа г-дин Елиот Морли се сретна со државните службеници од МЖСПП: г-ѓа Каја Шукова, г-ѓа Гордана Кожухарова, г-ѓа Теодора Обрадовиќ-Грнчароска, како и со г-гица Маја Ажиевска од Проектот на УНДП, канцеларија за климатски промени. На овој состанок беа презентирани активностите кои Македонија ги превзема и документите кои ги има изработено во таа насока, како што е Националната стратегија за механизмот за чист развој за првиот период на обврски според Протоколот од Кјото за периодот од 2008 до 2012 година. Исто така се прават и последните подготовки за Вториот национален извештај за климатски промени, чија подготовка започна во март 2005 и се очекува да биде финализиран кон средината на 2008 година. Завршени се две фази од неговата изработка и тоа: Национален инвентар на стакленички гасови и Оценка на ранливост и адаптација по сектори.
Со почеток во 11 часот, на 28 март (петок) во новата зграда на Машинскиот факултет се одржи предавање на тема “Потреба за итен глобален договор за климатски промени по 2012 година” Предавањето се одржа пред 60 студенти од Машинскиот факултет, насока Индуструско инженерство и менаџмент (ИИМ).
|